Only Together We Can Make A Change

Во името на тимот на „Мен енд Маунтен“ и во името на сите соработници и партнери на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, изразуваме длабоко и искрено сочувство до семејствата на прерано згаснатите животи во огнената стихија, која се случи во Кочани.

Јазикот е понекогаш тесен да изрази вакви деликатни емоции. Тагата за страотната смрт на млади животи, ги преплави нашите срца со очај, чемер и горчина.

Во вакви безнадежни моменти, треба да смогнеме сила за трошка надеж и да пронајдеме искра светлина во овие мрачни лавиринти и конечно да се приближиме едни кон други. Заедништвото, колективниот дух и меѓучовечката емпатијата нека бидат нашиот зеднички јазик.

Како никогаш досега, треба да се обединиме околу идејата да создадеме иднина и дом, кои ќе ги обединат сите чесни и трудољубиви луѓе. Да трасираме пат по кој нашите деца ќе го пронајдат своето место под сонцето.

Не е доволно само да ги исчистиме од ѓубре нашите градови и да ги пошумиме нашите ридови и планини, треба да го прочистиме и нашето општество и да вдахнеме во него чесна наобразба, меѓусебно разбирање и почит кон самите себе.

Системот сме сите ние.

Секој од нас носи одговорност во заедницата.

Секој од нас е значајна алка во системот. Доколку едната алка се скине, системот станува нефункционален. Трепетот на секој од нас се рефлектира на трепетот на другиот. Доколку делуваме синхронизирано ќе делуваме беспрекорно.

Нашата љубов оди кон семејствата, кои претрпеа незамисливи загуби. Нашата љубов е кон сите луѓе во нашата земја, кои се чувствуваат скршено и осамено. Нашата љубов е кон сите оние кои веруваат во промени и веруваат дека можеме да имаме подобро утре. Нашата љубов е за сите вас, затоа што знаеме дека само заедно – рака под рака – можеме да се извлечеме од овие мрачни времиња и да го обновиме нашиот дом – само заедно – за сите!